Сликата на Винстон Черчил за мароканскиот пејзаж „
Вредноста на уметничкото дело на Черчил се проценува на еден и пол до два и пол милиони фунти.
Слика на џамија во Маракеш од 12 век на зајдисонце, со прекрасните планини Атлас во позадина, е единствената слика што британскиот лидер успеа да ја заврши за време на Втората светска војна.
Тој ја насликал сликата по јануарската конференција во Казабланка во 1943 година, каде што тој и Рузвелт го испланираа поразот на нацистичка Германија. Двајцата лидери го посетија Маракеш по конференцијата за да може Черчил да му ја покаже на Рузвелт убавината на градот.
Ник Орчард, кој е раководител на Одделот за модерна британска уметност во Кристи, изјави дека Рузвелт бил воодушевен од неверојатната глетка, која подоцна Черчил ја овековечил во сликата.
Британскиот државник бил страствен аматерски сликар кој насликал околу 500 слики.
Сликата беше продадена од синот на Рузвелт по смртта на неговиот татко во 1945 година, а имаше неколку сопственици пред да биде купена во 2011 година од Анџелина Џоли и нејзиниот тогашен партнер Бред Пит.
Двојката се разведе во 2016 година кога Џоли поднесе барање за развод, кој траеше со години поради поделбата на имотот.
Сликата на Черчил ја продава Џоли на аукција во лондонската „Кристи“ закажана за 1 март.
Орчард рече дека аукциската куќа се надева дека би можела да постигне нов рекорд кога станува збор за вредноста на делата на Черчил.
„Досега рекордната цена е околу 1,8 милиони фунти за слика што, според мое мислење, не е толку важно како оваа“, рече тој.
Орчард оцени дека „Кулата на џамијата Катубија“ е најважното дело на Черчил.