Миме Тасеска-Китановска е родена на 3.12.1983 г. во Битола. Дипломира
во 2006 г. на УКЛО, на Педагошкиот факултет во Битола и се стекна со звањето
дипломиран учител. Во 2008 г. на истиот факултет ја заврши обуката за
Перманентно образование на наставни кадри во основно училиште со предметна
специјалност информатика, а во 2012 г. магистрира и го доби звањето магистер
по Педагогија во областа на методиките (наслов на магистерскиот труд:
„Правописните грешки во писменото изразување кај учениците од I и II циклус
од основното образование“). Во 2017 г. дипломира на Педагошкиот факултет во
Битола и се стекна со звањето дипломиран професор по Македонски јазик и
книжевност. Во 2019 г. докторира на УКИМ, на Филолошкиот факултет во
Скопје, на студиската програма Македонистика, потпрограма Македонски јазик и
лингвистика и ја доби титулата доктор по хуманистички науки од областа на
македонистиката (наслов на докторската дисертација: „Правописот на
македонскиот јазик во наставната практика“).
Има работено како одделенски наставник во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ –
Битола (учебна 2012 – 2013 г.) и во ОУ „Александар Турунџев“ – Кукуречани
(учебна 2014 – 2015 г.). Во периодот од 2014 до 2016 г. ги уредува катчето за
лектира и јазичното катче во списанието „Развигор“.
Посетува семинари и учествува на меѓународни конференции со свои
стручни и научни трудови.
Од 2020 г. е овластен лектор по македонски јазик.