Баухаус е повеќе од стил. Тоа е историски пресврт, кој оставил големо влијание во сите аспекти на уметноста, архитектурата, како и на целокупниот развој на општество.
Баухаус за прв пат се појавува во Вајмер, во Германија 1919 год. како училиште кое ги соединува занаетчиството и уметноста. Основач бил архитектот Валтер Гропијус, чија цел била обединување на сите уметности и нивна практична примена.
Со тоа во училиштето имало повеќе работилници, каде што се изучувале уметнички техники со цел да се поврзе дизајнот со човековите потреби. Влијанието на модернизмот допринело за основната дејност на оваа училиште – функција е најважниот фактор за проектирање и е во хармонија со дизајнот.
Студентите уште на почеток се запознавале со логиката и начинот на Баухаус размислување, а потоа ја изучувале теоријата на бои, материјали и форми. По завршувањето на теоретскиот дел, продолжувале со работилници во кои работеле со метал, изучувале типографија, како и ѕидно сликарство.
Една од најпознатите работилници во Баухаус школата, била работилница за дизајн на мебел, предводена од Марсел Бројер. Инспириран од конструкцијата на велосипедот, го создал еден од најпознатите столови „ cantilever chair “ чија конструкција е изработена од метал.
Исто така, и типографијата на Баухаус има големо влијание и денеска во светот на графичкиот дизајн.
Според Баухаус, формата треба да ја следи функцијата, со што елементите се сведуваат на едноставност и практичност, а воедно се ослободува од непотребниот луксуз. Сериски стандардизирани предмети стануваат достапни за сите, што доведува до општа универзалност и создавање на еднаквост.
Идејата уметноста да се приближи на луѓето низ функционални дизајнирани предмети, останува како едно од најхрабрите движења чие влијание се чувствува и денеска.