Ви го пренесуваме најкусото и наједноставното интервју што може да се прочита.
Имавме чест да поразговараме со битолчанецот Игор Горко — инструктор за козметикологија и фотографирање.
Игор Горко е една, навидум, едноставна личност, но со посебни способности, вештини, таленти и желби. Тој е човек што сака големи и тешки предизвици. Со еден збор — чудак, чудо од човек. Имавме можност да го запознаеме подобро и од малку поинаков агол.
Уживајте во интервјуто со стилистот и фотограф, Игор Горко!
FLIP: Како би се опишале самите себе со еден збор? Зошто се одлучивте за овој опис?
ИГ: Чудак. Јас сум човек што сака големи, тешки предизвици. Никогаш не ме привлекувале едноставните работи.
FLIP: Која е Вашата прва љубов? За што се интересиравте во раниот детски период?
ИГ: Мојата прва и најголема љубов е фотографијата.
FLIP: Кога и како се роди љубовта кон фотографијата?
ИГ: Уште како дете му го крадев фотоапаратот на дедо ми. Почнав да пројавувам поголем интерес за фотографијата и да се занимавам со фотографија аматерски, од 12-годишна возраст. Подоцна студирав 5 години на Институтот за фотографија — Њујорк. Сфатив дека фотографијата ми е неизбежност, потреба зашто заклучив дека не сум задоволен од другите „професионалци“ во оваа област.
FLIP: Дали, освен со фотографија, се занимавате и со нешто друго?
ИГ: Да. Се занимавам и со шминкање. Фотографијата и шминкањето се две неразделни професии кои меѓусебно се надополнуваат една со друга.
FLIP: Имате Ваша агенција за мода. Кажете ни нешто повеќе за неа.
ИГ: Да. Постои Модната агенција Горко. Таа се случи од потреба, а се отвори во соработка со Модел-менаџмент Милано.
FLIP: Што Ве исполнува повеќе: фотографирањето или шминкањето?
ИГ: Како што спомнав претходно, фотографирањето е мојата прва љубов. Шминкањето, исто така, е дел од мојот живот. Во двете дејности сум онаа вистинската личност.
FLIP: Како да свртиме кон подобро?
ИГ: Пулете си ја својата работа. Ако си ја пулиме сопствената работа, поарно ќе ни е.
Фотогалеријата од неговата работа е дадена подолу: