Во пресрет на нејзината прва самостојна изложба на фотографии SYNONYMS и поставивме неколку прашања на младата и перспективна фотографка Сандра Трајковска – која инаку е позната на македонската но и светска јавност по бројни лични но и професионални ангажмани за голем број на реномирани компании и нивни маркетинг потреби.
Важи за скромна и одмерена во своите ставови но моќна по својот уметнички израз и едноставно неможе да остане непрепознаена во морето од фотографии кои се користат во секојдневните маркетинг кампањи.
Нам како редакција на FLIP.mk особена чест и задоволство ни е да Ве поканиме на нејзината изложба во склоп на Малински Фото Фестивал од 3-5 јуни и во живо да ги видите нејзините фотографии и одблизу да ја потпрашате за делата.
FLIP: Како влијае фотоапаратот на тебе кога е во твоите раце?
С.Т.: Убаво е чувството. Преку фотографија ги полнам батериите со убавина, особено кога фотографирам за мене, без никаква обврска.
FLIP: Колку време ти требаше да сфатиш дека си добра во тоа што го работиш?
С.Т.: Кога го работиш тоа што го сакаш, секогаш ќе има позитивен исход. Никогаш не се фокусирав на тоа дали е добро или не, само уживав во тоа, а резултатите сами доаѓаа.
FLIP: Дали членството во фото клубот те направи подобра или покомпетитивна или има нешто сосема друго?
С.Т.: Секако дека подобра, таму ги стекнав основите на фотографијата и техниката. Имав можност да учам од врвни фотографи. Значајно за мене како почетник, беше и тоа што имав можност да запознаам фотографи од различни земји кои несебично го пренасаа нивното искуство и знаење.
FLIP: На колку проекти досега си учествувала како фотограф?
С.Т.: Искрено немам точна бројка. Имам учествувано на доста проекти, интернационални фото изложби и маркетинг кампањи. Сите проекти се од големо значење за мене, без разлика за каков тип се работи. Како нешто што беше голема мотивација во понатамошната работа, е тоа што бев член на жири за фото натпревар во Мерсин, Турција. Искуство кое ќе го паметам, а воедно запознав и прекрасни луѓе.
FLIP: Имаш ли роденден, свадба или настан кој си го одсликала на кој си посебно горда?
С.Т.: Секоја настан ми е подеднакво драг, бидејќи сум дел од среќни моменти. Можеби би ја издвоила свадбената фотосесија на брат ми, за која сум и сентиментално врзана.
FLIP: Што е тоа што ги прави твоите фотографии да бидат препознаени и од странските здруженија нa фотографи па и да добиеш титула Kандидат Mајстор на фотографија?
С.Т.: Да, неодамна сум и официјално со титула Кандидат Мајстор на Фотографија, доделена од Националната Фото Унија, која ми е посебно драга. Постојано се трудам да направам фотографии кои ќе доловат моменти. Ретко ги планирам концептуално фотографиите и сакам спонтани моменти.
FLIP: Kога би бирала да го сликаш најубавиот момент од твојот живот би одбрала Смена 8, твојот омилен апарат и објектив или најновиот телефон со 200 мегапикселна камера?
С.Т.: Телефон ми е дефинитивно последна опција и не сум многу вешта во тоа. Голем љубител сум на аналогните фотоапарати, така да Смена 8 би бил мојот избор.
FLIP: Колку фотографии се доволно за една самојстојна изложба и зошто чекаше толку време да се случи истата?
С.Т.: Бројот на фотографиите не игра голема улога за самостојна изложба, може и со помалку и со повеќе да се направи, тоа е индивидуално. Ситуацијата со Ковид, дефинитивно ја пролонгира мојата изложба, што од друга страна ми даде и повеќе време за подготовки. Ова е мојата прва самостојна изложба, насловена „ Синоними “, која е серија од 24 фотографии кои се меѓусебно поврзани.
FLIP: Дали со човек кој лови моменти или си раскажувач на животни приказни?
С.Т.: Човек кој лови моменти, дефинитивно.
FLIP: Дали фотограф е машка или женска професија?
С.Т.: Не би се фокусирала на таквата поделба.
FLIP: Дали сонуваш со отворени очи или со отворена бленда?
С.Т.: Со отворени очи.
FLIP: Колку објективи имаш скршено до сега?
С.Т.: За среќа ниеден! Фотоапаратот е можеби единствената работа за која сум особено внимателна кога станува збор за технологија.
FLIP: Колку илјади фотографии сликаш годишно?
С.Т.: Со оглед на фактот дека фотографирам и настани, кои најчесто бараат поголем број на фотографии, би рекла и повеќе од довoлно.
FLIP: Дали повеќе сакаш да сликаш дневна или ноќна фотографија?
С.Т.: Ноќната фотографија е голем предизвик, но со оглед дека станувам рано и гледам да го искористам денот, би избрала дневна фотографија.
FLIP: Кажи ни нешто за Малински Фото Фестивал?
Малински Фото Фестивал е веќе заштитен знак на Куманово. Тоа е фотографски фестивал кој трае 3 дена, а воедно може да се погледнат повеќе изложби од интернационални фотографи. Особено ме радува, што секоја година посетеноста се зголемува со гости од странство. Оваа година ќе се одржи од 3 до 5 јуни.