Во денешниот свет, каде што сè повеќе се обраќа внимание на здравата исхрана и природните производи, медот го зазема едно од најзначајните места. „Денови на медот“ во Куманово не е само манифестација за пчеларите, туку е и настан што ги обединува љубителите на природата, локалните производители и заедницата. Оваа традиционална прослава не само што го афирмира значењето на пчеларството, туку и ја поттикнува свеста за важноста на пчелите и нивниот придонес за еколошката рамнотежа.
По тој повод разговараме со претседателот на Здружението на пчеларите „Пчела“ господин Бобан Стошевски.
Како и кога беше основано Здружението на пчеларите „Пчела“?
Основачкото собрание било одржано на 24 јануари 1971 година, во просториите на претпријатието „Багат“ од Куманово. По укажаната потреба за организирано и обединето пчеларство по иницијатива на група граѓани – пчелари.
Колку членови моментално има здружението и како се регрутираат нови пчелари?
Моментално ПЗ „Пчела“ брои 126 члена и сме отворени за сите млади луѓе кои сакаат да се занимаваат со пчеларство, а секако можат да се приклучат и поискусни пчелари.
Кои се главните цели и активности на здружението?
Главни цели на нашето здружение се преку едукацијата која ја организираме во нашето здружение да се едуцираат членовите конкретно за пчеларството, да ги пратиме најновите достигнувања во пчеларството, да организира манифестации каде што ќе можат нашите пчелари да ги промовираат производите на нивните пчели, да ги едуцираме нашите сограѓани дека треба да купуваат мед од локални пчелари т.е. од пчелари кои ги познаваат. Исто така цел на здружението е да се бори против фалсификаторите кои продаваат „мед“- кој воопшто и не видел пчела. И една од позначајните активности на здружението се и пошумување и грижа за животната средина.
Какви предизвици се соочуваат пчеларите денес во Македонија?
Најголем предизивик на нашите пчелари претставуваат климатските промени, краткиот пашен период како и долгите, сушни и претопли лета.
Колку важна е улогата на пчелите во одржувањето на еко-системот и природната рамнотежа?
Пчелите имаат огромна улога во опрашувањето на растенијата, на градинарските култури. Пчелата е единствениот инсект кој преку 90% учествува во опрашувањето.
Кои се најчестите проблеми со кои се соочуваат пчеларите во производството на мед?
Климатските промени се најголемиот проблем во пчеларството.
Какви мерки преземате за заштита на пчелите од климатските промени и загадувањето?
Преселување на пчеларниците покрај реки, пошумување, поставување на кошници во блага сенка.
Каква е побарувачката на пчелни производи на македонскиот пазар?
Побарувачката е задоволителна, но и понатаму мораме да продолжиме со едукацијата и на пчеларите, а посебно на потрошувачите да купуваат мед од локалните пчелари, луѓе кои ги познаваат поради се почестата појава на лажен и фалсификуван мед.
Дали здружението организира обуки или работилници за почетници во пчеларството?
Во зимскиот период почнувајќи од месец ноември до месец април, посебно внимание се обрнува на едукацијата на млади пчелари, за искусни пчелари како и за нашите сограѓани кои сакаат да слушнат и да се информираат. Ангажираме наши врвни пчелари од нашето здружение како предавачи, како и врвни предавачи од републиката и надвор од неа.
Како го оценувате квалитетот на македонскиот мед според меѓународните стандарди?
Македонскиот мед во колема мера е полифлорен мед (ливадски), создаден од нектарот на разни растенија и поради тоа имаме високо квалитетен и здрав мед.
Кои се најголемите достигнувања на здружението во последните години?
Нашето здружение е пример за пчеларско здружение, без лажна скромност, не само во Р. Македонија, туку и во регионот. Единствено здружение сме на балканот кое има издадено Монографија за 50 години постоење, активни сме на повеќе полиња и тоа: организираме хуманитарни акции, организираме едукативни предавање во основните училишта во кумановско липковскиот крај, пошумуваме, сами или помагаме на нашето планинарско здружение, помагавме и во КОВИД кризата преку донации на мед во градската болница во Куманово.
Како ги поттикнувате младите да се занимаваат со пчеларство?
Младите ги потикнуваме исклучиво со едукација, со разговори за пчелите и која полза ја имаме сите од пчелата.
Како ја гледате иднината на пчеларството во Македонија?
Пчеларствоото во Р. Македонија има блескава иднина затоа што имаме многу млади и вредни пчелари, кои не се плашат од работа.
Кои се вашите планови за наредните „Денови на мед“ и какви новитети може да очекуваме?
Деновите на медот 2024 година ќе се одржат на 03, 04 и 05 окомври на градскиот плоштад во Куманово, со рекорден број научесници (30). Новината е во тоа што ке настапиме сите под иста географска одредница КУМАНОВСКИ МЕД, се со цел нашите сограѓани да спознаат дека во Куманово има луѓе кои се занимаваат со пчеларство, кои вредно работат и одгледуваат пчели.
Каква поддршка очекувате од локалната заедница и владините институции за подобрување на условите за пчеларите?
Имаме подршка и од локалната власт како и на државно ниво. Мислам дека нашето здружение е препознаено како вистинска вредност, дека нашите пчелари се ценети во нашиот град и во Р. Македонија.