Ова интервју го правиме во новоотворената продавница за шминка и салон за убавина во Штип, Beauty Station. Нашата соговорничка е Стојка Лазова Филипе, ко-основачка на овој прекрасен простор за убавина. Стојка е професионална шминкерка со повеќе од 10 години искуство, кое го стекнала во космополитскиот град Лондон. По долго време поминато во Англија, каде што постигна неверојатни успеси во својата професија, Стојка се врати во родниот град со цел да ја пренесе својата експертиза и да создаде уникатно место за убавина и стил.
Во текот на интервјуто, ќе дознаеме повеќе за нејзиното искуство во Лондон, предизвиците со кои се соочила, како и визијата што ја има за Beauty Station во Штип. Со Стојка разговараме за нејзиниот професионален пат, за културните разлики што ги забележала помеѓу Англија и Македонија, и за нејзините идни планови.
Стојка, повеќе од 10 години живеевте и работевте во Лондон како сертифициран шминкер. Какво беше искуството да работите во таков космополитски град како Лондон?
Мојата кариера започна во 2012 година како бјути советничка за Lancôme на Free Shop во Хитроу, и од тогаш никогаш не помислив на друго работно поле. Во 2017 година, по препорака на моите претпоставени, започнав обуки за професионално шминкање, а истовремено држев обуки за моите колеги од другите терминали. Работата во Лондон беше динамична и незаборавна. Секој ден беше ново искуство – се среќавав со луѓе од целиот свет, од различни култури, со различни потреби во однос на нега на кожа, шминка или парфеми.
Кои се најголемите предизвици со кои се соочивте кога започнавте да работите како шминкер во Лондон? Како тие искуства ве обликуваа како професионалец?
Најголемите предизвици беа прилагодувањето на различните стилови на шминкање според културата и личните потреби на клиентите од целиот свет. Дополнителен предизвик беше брзината и динамичноста што ја наложуваше самата работа на аеродромот. Овие искуства ми помогнаа да развијам флексибилност и прецизност во мојата работа, како и способност да го препознаам и истакнам најдоброто во секој клиент.
Можете ли да ни кажете нешто повеќе за сертификатите што ги имате како професионален шминкер? Какви техники и методи користите во вашата работа?
Со професионалната обука за шминкање започнав во 2017 година на семинар во Париз, каде што ја добив првата диплома за make-up expert. Со само една година искуство, на следниот семинар во Париз ја освоив првата награда за бизнис-шминка, меѓу шминкери од Англија, Африка, Индија и Блискиот Исток. Во 2019 година бев промовирана како регионален make-up expert, а дел од обуките беа предводени од познатата Лиза Елдриџ. Мојата главна техника е „french elegance“ – нагласување на природната убавина со нежна и елегантна шминка.
По долгогодишен престој во Лондон, вие се вративте во Штип со вашето семејство. Како се чувствувате по враќањето во Македонија и како ја адаптиравте вашата работа тука?
После долго време се вратив во Македонија, и засега се чувствувам дека донесов правилна одлука. Во мојата работа во Штип се стремам секој клиент да добие професионално советување, да може да ги проба производите пред купување и да излезе задоволен од изборот.
Отворивте парфимерија и шминкерница во Штип. Како оваа деловна иницијатива се разликува од она што го правевте во Лондон? Што е различно во однос на пазарот и клиентите?
Работата тука е поспокојна во однос на динамиката во Лондон. Македонските клиенти генерално претпочитаат нежни, природни тонови кои одговараат на нивната кожа, за разлика од Англичаните, кои сакаат потемни пудри и драматичен изглед со изразени трепки. Овде, исто така, клиентите почесто бараат советувања за убавина, што ми овозможува да го пренесам моето искуство и знаење.
Кои се вашите идни планови за шминкерницата и парфимеријата во Штип? Планирате ли да воведете нови услуги или производи?
Јас и мојата партнерка Ана Југова го истражуваме пазарот и планираме да го зголемиме асортиманот, како и да воведеме нови услуги, како што се депилација и надградба на нокти. Секогаш се стремиме да ги задоволиме потребите на нашите клиенти.
Според вас, кои се предностите и недостатоците на животот и работата во Лондон, наспроти Штип? Дали би се вратиле во Англија или гледате поголеми можности тука во Македонија?
Лондон е голем град кој бара многу енергија за да се постигне сè. Засега мојата иднина ја гледам тука, меѓу најблиските, но не ја исклучувам можноста еден ден повторно да се вратам во Англија.
Разговорот со Стојка Лазова Филипе беше исклучително инспиративен и исполнет со позитивна енергија. Невозможно е да не се почувствува нејзиниот ентузијазам и љубовта кон убавината, што таа несебично ја споделува со своите клиенти.
Стојка не само што донесе дел од Лондон во Штип, туку создаде место каде што луѓето ќе можат да ја почувствуваат светската елеганција и професионалност во една пријатна, локална атмосфера. Се надеваме дека Beauty Station ќе стане омилено место за сите што бараат квалитетна нега и уникатно искуство.
Им благодариме на Стојка и на тимот на Beauty Station за топлината и гостопримството. Со нетрпение ги очекуваме новите услуги и проекти што ова прекрасно место ќе ги понуди во иднина. Ви посакуваме многу успех и задоволни клиенти!