Милена Лунеска — поетесата и писателката со големо срце, авторката на романот „Добро утро, љубов!“, упатува искрена порака до сите нас: „Правете добри и убави дела и со добро и убаво ќе ви биде вратено!“

Слични

Теологот Ацо Митев Ви порачува: надежта е сеуште на дофат, но единствено преку Исус Христос

Во моментите кога притисокот од секојдневните проблеми се надополнува...

Сподели

Со особена чест и задоволство ви ја претставуваме Милена Лунеска — жена, мајка, економист, поет и писател.

Лунеска е добро позната авторка за читателите од нашата земја, но и за оние од странство. Голем број од нејзините песни се објавувани на многу електронски магазини и во списанија, во нашата земја, Црна Гора и во Хрватска.

Со нејзините романи („Два часа“, „Исчистени души“, „Ќерката на премиерот“) зазема значајно место меѓу македонските автори. Нејзиниот втор роман, „Исчистени души“, е во конкуренција за наградата Роман на годината, а промовиран е на меѓународни саеми.

Неодамна излезе од печат најновиот роман на Милена, „Добро утро, љубов!“ и наиде на голем одѕив кај читателската публика.

Делата на Лунеска се реалистични и психолошки. Му овозможуваат на читателот да проникне во човечката душа, да ги открие сите нејзини тајни и да се почувствува како еден од главните ликови — јунаци под денешното македонско небо. Нејзините ликови се силни личности, олицетворение на љубовта, праведноста и хуманоста.

Да се запознаеме одблиску со Милена, жената херој, која инспирацијата за занимавање со творечка дејност ја пронашла кај внуката на еден од српките поети и претставници на српскиот романтизам — Ѓура Јакшиќ.

FLIP: Кој би бил насловот на Вашата автобиографија?

М.Л.: Обичен човек со необични желби или истраен борец за своите соништа.

FLIP: Како би му ја опишале Вашата професија на едно љубопитно дете?

М.Л.: Поминаа неколку години откога бројките ги заменив со зборови, поточно од  економист станав писател. Затоа ми е лесно да ѝ се преставам на детската љубопитност како волшебник кој создава убави приказни или, поинаку кажано, како магионичар играјќи со зборови.

FLIP: Кога би било потребно да изберете еден наслов од филм или песна кој би го опишал Вашиот живот, кој би бил тој? Зошто се одлучивте за него?

М.Л.: Размислувам. Тоа, дефитивно, е песната Танц. Таа е моја песна во која низ стиховите сум претставена самата јас, онаква каква што сум во реалноста, но истовремено е прикажан и мојот живот.

FLIP: Која дел од светот прави да се чувствувате посебена и зошто?

М.Л.: Моите мечти, соништа и желби многупати ме носеле тајно во Јужна Франција, Прованса, поточно во градот Авињон. Посакувам да сум на места со „душа“. Остварувањето на тие мечти ќе покаже зошто би се чувствувала посебно таму.

FLIP: На што мислите кога сте сами во Вашиот автомобил?

М.Л.: На музиката што ја слушам и на текстовите во песните. Можеби тоа е поврзано со една моја неостварена желба да напишам текст за убава композиција.

FLIP: Замислете дека имате брод. Како би го нарекле? Зошто се одлучивте токму за тоа име?

М.Л.: Среќа. Бидејќи среќата е основниот мотив во животот.

FLIP: За што би била наменета добротворната организација ако некогаш се одлучите да направите?

М.Л.: За лицата кои страдаат од тешки и ретки болести. Нивното лекување трае долго време и е многу скапо, па затоа би сакала да имам можност да им помогнам да оздрават што побрзо и што полесно.

FLIP: На која тема би можеле да одржите 20-минутна презентација без никаква подготовка?

М.Л.: На сите теми од секојдневниот живот. Образованието, читањето литература од различен вид и жанр, искуството, како и желбата да се проследи сè што е актуелно кај нас и во светот, прави да се чувствувам сигурна дека можам да дебатирам и да имам подолга презентација, без подготовки. Не се мешам само во теми за кои не сум компетентна.

FLIP: Која е најинтересната личност со која сте се сретнале и сте разговарале?

М.Л.: Ќе издвојам една личност од моето детство. Тоа е внуката на Ѓура Јакшиќ, која живееше во Војводина, Стари Бечеј и им беше сосетка на дедо ми и на баба ми. Таа е навидум обична повлечена жена, но со огромно животно искуство. Знаеше многу јазици и свиреше на клавир прекрасно. Во нејзиниот дом за првпат ја „допрев“ уметноста.

FLIP: Како ги потрошивте парите од Вашата прва плата (проект)?

М.Л.: Уплатив за семеен летен одмор во Грција.

FLIP: Кое беше последното нешто за кое навистина се возбудивте?

М.Л.: Возбудата се појави од одлуката на мојот помал син да се венча со својата девојка во Њујорк.

FLIP: Која е најдобрата локација за целосно уживање со добра шолја кафе?

М.Л.: Во Белград. Кога сум со моите две внучиња кафето мириса поубаво, голтките се повкусни, а утрата поубави. И тие знаат колку многу сакам утринско кафе, па затоа млекото го пијат заедно со мене и во исти шолји како мојата.

FLIP: За каква чудна работа имате носталгија?

М.Л.: Да имам своја кафе-книжарница. Тоа ќе биде место каде што ќе можам да се поврзам и да спојам повеќе мои карактерни особини. Ќе работам, ќе се дружам, ќе читам…

FLIP: На која личност од светот најмногу ѝ се восхитувате?

М.Л.: На моите синови. Прекрасни деца и прекрасни личности. Долгото објаснување за нив и за нивната успешност може да се разбере како мајчинска пристрасност.

FLIP: Кој би Ве играл во филмот од Вашиот живот?

М.Л.: Гвинет Палтроу. Омилена глумица. Умее да се трансформира врвно, професионално и да се внесе во секој лик.

FLIP: Што мириса подобро, свежо искосена трева или леб печен во рерна?

М.Л.: Леб печен во рерна.

FLIP: Од што би било најтешко да се откажете?

М.Л.: Од она што ми го подарил и ми го подарува животот. Сè друго е минливо и менливо. Не сум роб на навики, ниту на пороци.

       Можеш да се родиш и во шума, во најдалечно село и да бидеш побогат од некои ситни души родени во големи градови. Ако ти е убава душата, за цел живот си богат. Тоа богатство не се гледа, но се препознава и осознава.                                                                                                                   „Добро утро љубов!“ Милена Лунеска

FLIP: Дали некогаш сте поминале еден ден без да носите долна облека?

М.Л.: Ха, ха! Не.

FLIP: Која е Вашата лозинка за Wi-Fi?

М.Л.: Значаен спомен.

FLIP: За што ќе бидат носталгични луѓето за 50 години?

М.Л.: За разговор, дружба, за блискост. Луѓето се оддалечуваат едни од други.

FLIP: Кога би била десерт, што би била?

М.Л.: Парче торта со кора од ф’стаци и фил со малина.

FLIP: Како да свртиме кон подобро? 

М.Л.: Ќе свртиме кон подобро кога повеќе ќе се ценат обичните луѓе со убави срца, кои, ако сакаме, можеме да ги препознаеме многу лесно. Кога повеќе ќе се зборува и ќе се пишува за убави работи. Поточно, ќе свртиме кон подобро кога сите ќе научиме дека убавото се создава само од убавини. Мора да се врати вербата во моралот, во чесноста, во чистата свест и совест. Не се рекло залудно: „Правете добри и убави дела и со добро и убаво ќе ви биде вратено!“

error: Content is protected !!