Причини од кои доцни менструацијата, а во нив не се вбројува бременоста
Доцнењето на менструацијата е показател за бременост, но тоа не мора да биде во секој случај. Сакаме да ви кажеме дека доцнењето на менструацијата не мора да значи дека сте бремени. Постојат неколку причини за доцнењето на менструалниот циклус. Должината и динамиката на менструалниот циклус не се исти кај сите жени, па никој, освен вашиот гинеколог, не може точно да утврди што се случува со вашето тело. Додека чекате преглед кај избраниот лекар, ви даваме информации за најчестите причини од кои доцни менструалниот циклус.
Стрес
Кога сме под стрес, нашето тело нема избалансирани хормони, а тоа влијае врз нашиот менструален циклус. Хормоните на стресот се шират низ крвотокот и ги одложуваат и потиснуваат сите други телесни функции кои не се важни за нашиот опстанок. Големиот стрес доживеан во неделите пред менструалниот циклус може да го одложи циклусот.
Промена на тежината
Драстичната промена на тежината може да влијае врз менструалниот циклус. При нагло слабеење или зголемување на телесната тежина телото нема време да создаде хормонален баланс. Затоа, секогаш се препорачуваат диети под надзор на нутриционист или на избран лекар. Наглите промени во тежината можат да предизвикаат пад на имунитетот, но и здравствени проблеми.
Синдром на полицистични јајници
Жените кои имаат синдром на полицистични јајници не овулираат редовно од месец до месец, па менструацијата кај нив може да биде одложена за една до две недели. Ова е многу стресно за дамите ширум светот и синдромот на полицистични јајници мора да го следи гинеколог. Полицистичните јајници можат да предизвикаат различни промени во телото и затоа многу е важно да се следи нивната состојба. Гинеколозите препорачуваат да се прави преглед на секои шест месеци.
Пред менопауза
Периодот пред менопаузата е период од неколку години кога телото се подготвува за менопауза. Во овој период можете целосно да се пропушти менструацијата за еден месец, а во следните два до три месеца тоа може да биде сосема нормално.
Отсуството на менструација не можеме да ѝ го припишеме само на пременопаузата. Закажете преглед кај гинеколог за да утврдите дека сè е во ред со вашата матка и со јајниците.
Нарушување на тироидната жлезда
Тироидната жлезда се наоѓа во долниот дел на грлото, а покрај тоа што влијае врз регулацијата на различни процеси во нашето тело, таа делумно е одговорна и за регулирање на менструалниот циклус. Поради забрзаната или забавената работа на тироидната жлезда, менструацијата може да се одложи и за неколку месеци.
Вашиот гинеколог ќе ве испрати на ултразвук на тироидната жлезда, а исто така ќе треба да земете и крв за да го одредите нивото на хормоните што таа ги произведува. Врз основа на овие анализи ќе добиете терапија со примена на лекови која ќе придонесе вашето тело да се врати во рамнотежа.
Дијабетес
Дијабетесот се смета за подмолна болест на денешницата со тивки симптоми. Еден од нив, секако, е доцнењето на менструацијата, па затоа е важно да се посветите на здравата исхрана и да ги избегнете замките на денешницата.
Ова се некои од најчестите причини. Секако, важно е и да се грижите за вашето здравје и да отидете на преглед ако менструацијата ви доцни повеќе отколку што тоа е вообичаено или ако чувствувате дека се променило нешто.