Во денешното интервју разговараме со дефектологот Шаботиќ Тино, за неговата улога во стимулирање на моторниот развој, што е основа за развој на други вештини и способности, когнитивен (сознаен) развој, развој на говор, како и социо-емоционален развој. Но, чепнавме малку и во неговиот приватен живот, за неговата љубов и хоби.
Ви благодариме Тино за одвоеното време и целата енергија и знаење кое го употребувате во својата секојдневна работа, со гордост Ве вбројуваме во рубриката ОБИЧНИ ЛУЃЕ!
FLIP: Сите Ве знаат како дефектологот Тино од Куманово, но имате ли хоби, наоѓате ли време за себе?
Ш.Т: Моето хоби е “ретро хоби” – ако може така да се нарече. Собирам стари рачни часовници од изберени брендови, колекционер сум исто така и на грамофонски плочи бидејќи ме исполнуваат старите работи од минатото. Во скоро време планирам да си обезбедам соба или просторија во мојот дом во која ќе доминираат предмети кои датираат од времето на Југославија, иако никогаш не сум живеел во тоа време бидејќи сум роден во 1992.
FLIP: Дали спортувате?
Ш.Т: Да. Редовно. Кошарка, баскет и во последно време посетувам теретана. Порано и професионално сум се занимавал со кошарката како член во прва и втора македонска кошаркарска лига.
FLIP: Која е највлијателната личност која оставила траг кај Вас?
Ш.Т: Има многу, мислам дека еден од нив е Џек Николсон и Стефан Вилшер. Благодарен сум што живеам во нивното време.
FLIP: За што ке бидат луѓето носталгични за 50 години?
Ш.Т: За детството, колку и години и децении да поминат.
FLIP: Која е вашата лозинка за WI-FI?
Ш.Т: Ekaterinavelika123, затоа што го обожавам српскиот рок бенд Екатарина Велика, а бројките 123 не значат ништо, додадени се за посигурен pass 🙂
FLIP: Која точка на светот прави да се чувствувате посебно и зошто?
Ш.Т: Русија. Таму го почувствував спокојот, умствена благосостојба, колоритот на животот, емоциите, културата, уметноста на највисоко ниво, но и студот морам да признаам.
FLIP: Опишете ни го вашиот живот со наслов на филм или песна и кажете ни зошто токму тој наслов?
Ш.Т: Форест Гамп. Дефинитивно, затоа што овој филм е поврзан и со мојата професија воедно но и со мојот карактер, никогаш да не застанувам.
FLIP: Ако можете да засновате добротворна организација за што би служела таа?
Ш.Т: За помош на деца со пречки во развој како и унапредување на центрите за третман и стимулација на ранливи категории на деца.
FLIP: Што е љубов, а што среќа?
Ш.Т: Среќата ја поистоветувам со мир во душа, спокој и позитивни вибрации, а љубов е она што ме мотивира да одам напред на секое поле и секоја сфера од постоење.
FLIP: Како се одлучивте за оваа професија?
Ш.Т: Одсекогаш чувствував емпатија спрема децата со попреченост, се пронајдов во светот на помагањето, затоа и решив да се посветам на оваа професија и проблематика и мислам дека не би ја сменил за ниедна друга.
FLIP: Што е главната причина за појавата на пречките во развој кај најмладите?
Ш.Т: Постојат огромен сплет на фактори, наследни генетски и средински, како и начинот на животот и брзината на животот на младите, старосната граница на родители, опкружувањето, храната, живата како материја, вакцините … сето тоа си игра своја улога и мудро делува онаму каде што има потенцијал за создавање на попреченост
FLIP: Како ја препознавате пречката или проблемот со некое дете и како знаете кој метод да го примените?
Ш.Т: Самото искуство на дефектологот ве наведува да до препознаете проблемот, начинот на делувањето, начинот на соработувањето, можете да имате милион методи за третман и едукација, но се ке биде безуспешно ако не навлезете во светот на детето и ако тоа не го прифати вашиот карактер, тоа е и специфичноста на оваа професија, пред се треба да бидеш добар човек, децата тоа го чувствуваат а воедно се и најискрените суштества на светот.
FLIP: Постои ли таков метод кој се докажал како корисен и продуктивен или пак си применувате и ваши методи за кои имате пракса дека се делотворни?
Ш.Т: Апсолутно најчесто си применувам мои методи, секој карактер, секоја состојба, секој наод и мислење, дијагноза сами по себе се различни, затоа е потребно да се пристапи на најдобриот начин со метод кој мислите дека ќе успее.
FLIP: Има ли метод со кој дефектологот со сигурност може да помогне во решавањето на проблемот и кој е тој?
Ш.Т: Да, методот на трпеливоста и истрајноста во оваа работа. Колку и да оди спор прогресот никогаш да не се откажуваме во обидите. Секој нареден е можеби клуч до успехот или до надминување на попреченоста. Истото важи и за родителите.
FLIP: Дали вашиот професионален живот исто така влијае и на приватниот?
Ш.Т: Да, често се случува моментите од професионалниот живот на дефектологот Тино 🙂 да ми светнат како некоја блиц светилка додека седам дома и пијам чај, а и мора да биде така. Кога сум слободен избирам да читам стручна литература поврзана со мојата професија како специјален едукатор и рехабилитатор.
FLIP: Како да свртиме кон подобро?
Ш.Т: Не би можел нешто друго да кажам во оваа време освен да ја подигнеме СВЕСНОСТА за се околу нас, за постоењето, за луѓето, за појавите за добродетите на животот, околината и различноста. Да се потикнуваат предизвици за љубов, едукација, емоционална интелигенција, за позитивна енергија, култура, чесност и сите особини и моменти што не прават глобално да бидеме ЛУЃЕ.