Симона Николова — обична девојка, со дела доволно моќни да го постигнат најдоброто, а нејзините филмски сценарија да стигнат до Холивуд

Слични

Сподели

Имаме огромна чест да ви ја претставиме Симона Николoва — писател, сценарист,  добро познато перо на читателите во Македонија, но и на оние во странство. Разговорот го водевме во еден здив, секој збор беше одмерен, на моменти и доволно моќен како да раскажува приказна за следниот холивудски блок бастер. Оваа девојка дефинитивно има што да каже и што да порача. Среќно, Симона! Едвај чекаме да се горедееме со твоите филмски сценарија.

FLIP: Какво е чувството да си писател во Македонија? Би ја менувала ли средината во потрага по инспирација?

С.Н.: Кога она што го работиш те инспирира и го сакаш, местото на живеење не игра никаква улога гледано од психолошки аспект. Најубаво е да ги пренесеш своите дела таму каде што живееш, во својата татковина. Навистина, секој сака да напредува повеќе и да го прошири своето знаење подалеку. Искрено, и јас не се гледам тука во иднина, токму поради некои фактори во нашата држава. Тие кај нас негативно влијаат кај секого. Имам голема инспирација за поголем успех надвор од татковината. 

FLIP: Како знаеш дека тоа што е напишано во твоите книги е токму тоа што треба да се каже? Постои ли некое двоумење и слично?

С.Н.: Кога пишувам нешто, приказните сами ме водат. Им се препуштам на случките кои доаѓаат последователно. Никогаш не се двоумам за нешто кое искрено го сакам и знам дека токму тоа треба да им го пренесам на моите читатели.

FLIP: Како се инспирираш за толку многу сериозни теми и романи во кои до детаљ се опишуваат и ликовите и настаните и околината?

С.Н.: Секоја идеја за темите во моите романи ја добивам, најчесто, од многубројните серии кои ги гледам уште од мала, среќните и тажните моменти во нив кои за момент придонесуваат да се најдам таму, од сè што ќе слушнам или видам, од животните искуства на луѓето кои допираат до мене… Најголема инспирација имам од желбата за пишување без кое не можам да се замислам во иднина.

FLIP: Дали сонуваш и ако е така, што сонуваш најчесто?

С.Н.: Нормално дека сите живееме и потајно во себе сонуваме да го постигнеме тоа што го сакаме. Самиот сон значи да се посакува нешто, остварување на поставените цели, желби и амбиции. Јас се водам од она што го сакам за себе, од она кое допрва треба да го достигнам и верувам дека еден ден, мојот најголем сон, да творам, градам и успеам во својата кариера во Мексико, ќе биде реалност.

FLIP: Дали се прашуваш како би реагирал лик од твојата книга на твоето секојдневје?

С.Н.: Штом е дел од мојата приказна, доволно ме инспирира и ме води во секоја испишана страница, а верувам дека и кога би бил дел од моето секојдневје, постојано би ми бил голема помош и поддршка.

FLIP: Што со сигурност би понела со себе, на твоето патување од соништата?

С.Н.: За остварување на моите соништа не ми е потребно ништо, освен цврста волја, голема желба и добро здравје со кои сум решена да чекорам до крај. Би тргнала сама за да успеам во моите намери.

FLIP: Што претставува за тебе сапуница?

С.Н.: Сапуница за мене претставува телевизиска серија со ограничен број епизоди, со однапред дефинирани содржина и заплет, при што, во текот на развивањето на приказната се додаваат нови ликови и содржини. Крајот е различен, во зависност од приказната, односно серијата.

FLIP: Со која позната личност би се менувала на еден ден?

С.Н.: Доколку би имала шанса да се сменам на еден ден, би сакала тоа да биде познатиот пејач Maluma бидејќи ме мотивира поради неговото тешко минато и неговата борба да успее.

FLIP: Стан или куќа, море или планина?

С.Н.: Тоа зависи од местото каде би се нашла во иднина и од финансиската состојба. Сепак, би сакала во иднина да имам и куќа и стан како свое приватно катче. Што се однесува на прашањето дали би одбрала море или планина, можам да кажам дека ги сакам и двете, но ако мора да одберам, би одбрала море.

FLIP: Кога се чувствуваш супериорна, надмоќна?

С.Н.: За мене супериорноста или надмоќноста е кога ја постигнувам својата замислена цел и доживувам успех, постојано натпреварувајќи се, пред сè, со самата себе и гледајќи само напред. Кога сум чекор напред во однос на другите, тогаш сум горда на себе поради сè што сум постигнала досега.

FLIP: Постои ли твоја двојничка таму некаде? Каква е?

С.Н.: Досега немам сретнато своја двојничка која е слична на мене кога станува збор за физичкиот изглед. Истото важи и за карактерните црти. Карактерот е моја особина. Верувам дека секој во светот има свој двојник без разлика каде и да се наоѓа. Но, во поглед на некои работи, се сметам за посебна. Професионално, за моја двојничка ја сметам  Џоан Џо Роулинг.

FLIP: Дали имаш свои цитати и кој е твојот омилен?

С.Н.: Секако дека како писателка која твори и пишува имам свои омилени цитати од многу познати личности кои ми оставиле впечаток, но сепак, посебен ми е мојот цитат кој гласи: „Го сакам тоа што го правам затоа што го одразува тоа што сум“.

FLIP: Дали извлече поука од пандемијата? Mоже да ни ја кажеш?

С.Н.: Мислам дека пандемијата со себе донесе многу важна лекција за сите нас луѓето, дека здравјето е приоритет за човекот. Благодарение на пандемијата и на карантинот се осмелив да го направам мојот прв чекор, да почнам да пишувам.

FLIP: Што мириса подобро: свежо искосена трева или тазе домашен леб?

С.Н.: Мирисот на тазе домашен леб. Ме асоцира на семејна хармонија, топлина и мир. Мириса на семејство и на љубов.

FLIP: Што прво си помислуваш кога ќе се разбудиш?

С.Н.: Секое утро станувам со верба во бога што ми дава сила за нови можности, нови мисли, повеќе мотивирајќи ме за ефикасно и ефективно исполнување на своите цели.

FLIP: Како да свртиме кон подобро?

С.Н.: Мора да бидеме со чисти мисли и силна желба за она кое силно го посакуваме. Патот кон иднината е долг и може да наидеме на многу препреки, но не смееме да се откажеме никогаш, без разлика на сè. Отсекогаш сум мислела дека никогаш не треба да се откажам. Чекањето и оставањето на случајностите за мене биле најголема спротивност. И покрај мојата здравствена состојба, секогаш се борам до крај. Битката е многу напорна, но крајот е веќе на прагот и се надевам еден ден сите замислени цели ќе ги остварам, со добро здравје, силна верба во бога и во самата себе. Подоброто зависи од нас самите. Ние сме креатори на нашата иднина. Моите мисли и моите пишани зборови го отсликуваат она кое сакам да бидам. Позитивниот став, упорноста и напорното работење се афирмација за подобро. Кога и да е, еден ден,  верувам дека она подобро што си го посакувам на самата себе, ќе излезе на виделина токму таму каде што сакам да бидам и ќе го прикаже во вистинско светло тоа што сакам да бидам.

error: Content is protected !!