Во моментите кога притисокот од секојдневните проблеми се надополнува со пандемијата која се повеќе одзема човечки животи, сосема природно е да бараме спас во се што може да ни биде од помош па многумина од нас се вртат кон верата и Бог. Токму затоа направивме краток разговор со теологот Ацо Митев и поставивме неколку прашања преку на кои добивме искрени и одговори кои тесно се поврзани со христијанството и вербата во Бог.
FLIP: Кога станавте свесни дека Бог е водилка во вашиот живот?
A.M.: Бог е водилка на мојот живот од 19 години кога почнав да ја читам Библијата поточно Новиот Завет. Од тој момент до денес Бог ме води и се грижи за мене и моето семејство.
FLIP: Дали младите веруваат во христијанството и Бога?
A.M.: Младите не растат со библиска наука, па оттаму може да се каже дека не го познаваат Христијанството темелно, ниту пак се запознаени за Бог на начин како што е објаевен Бог во Библијата. Спомнувањето „ние веруваме во Бог“ е само израз без значење. Христијанството е наука која бара практична побожност, вера која дејствува преку љубов, зашто Бог е Љубов.
FLIP: Дали православието е во подем или е под притисок од другите вери?
A.M.: Не знам, немам податоци, но знам дека евангелските цркви се во подем и не вршат никаков притисок на православието, туку тие ја вршат Божјата волја со тоа што ги запознаваат темелно со христијанството. Тие го шират Евангелието без да вршат притисок, како што Исус им рече на апостолите: „Одете по целиот свет и проповедајте го Евангелието.”
FLIP: Која црква во Македонија или странство Ве оставила без зборови?
A.M.: Без зборови ме оставила само онаа црква која Му служи на Бог во дух и вистина – црква која живее според Божјите зборови и се труди верата да ја практикува на дело.
FLIP: Како можат обичните луѓе да помогнат во очувувањето на црквите и фрескописот?
A.M.: Поимот „црква“ доаѓа од оригиналниот текст „еклесиа“, тоа е собир на луѓе кои веруваат во Бог, така што зградите не се цркви, туку луѓето. Кога луѓето се собираат во името на Бог, тие Му служат на Бог, а за фреските Библијата зборува вака: „Не прави си за себе резан лик, ниту некаква слика…, и нека се засрамат сите што се поклонуваат пред слики“ – Псалм 97:7.
FLIP: Што би им порачале на младите кои се дале на пороците?
A.M.: На младите би им го порачал следново: да почнат да ја читаат Библијата и да ја истражуваат индивидуално, зашто со истражување на Библијата ќе дојдат до сфаќање дека животот има смисла не во забави и игри, не во пороци и секакви девијантни појави, туку во Бог Кој е Создател на човечките души и пред Кого ќе одговараме сите за нашите добри или лоши постапки.
FLIP: Што претставува монаштвото?
A.M.: Библијата никаде не зборува за монаштво, туку напротив апостол Павле зборува дека светоста се постигнува со вера во Христос, без одвојување од социјалниот живот. Верникот може да ја добие светоста и кога е во брак, зашто баркот е заповед и Божја установа за среќен живот. Монаштвото не е Божја заповед!
FLIP: Колку пандемијата влиаје на вербата во Бога?
A.M.: Пандемијата кај некои луѓе произведе повеќе приближување кон Бог. Многу луѓе ми се обратија барајќи помош за нивните проблеми. Дали ќе продолжат со Бог зависи од нивното сфаќање за Бог. Луѓето обично го бараат Бог само кога се во мака. Но има и сериозни, вистински верници.
FLIP: Што после смртта, ќе се вратиме ли во некоја форма назад на земјата помеѓу живите?
A.M.: Библијата зборува дека откако човек ќе умре физички веќе нема враќање назад, тоа значи дека телото ќе се распадне и ќе исчезне, но душата и духот ќе живеат вечно кај Бог во неговото царство. Човекот е составен од душа, дух и тело. Телото е материја и како такав е подложна на распаѓање, а душата (психа) и духот (пневма), ќе живеат вечно во Божјото присуство, но само под еден услов, доколку човекот се роди повторно од Божјиот Свет Дух. А за да се роди некој преку Светиот Дух треба да се покае од своите гревови и да верува во Исус Христос дека е Божји Син, дојден на овој свет да умре за нашите гревови и да воскресне за нашето оправдување. Надежта сеуште е на дофат преку Исус Христос!
FLIP: Како да свртиме кон подобро?
A.M.: Свртувањето кон подобро е да веруваме во Бог, но верата да не биде само наследна од родителите, туку да имаме живо заедништво со живиот и воскреснатиот Исус. Кога живееме за негова слава, нашиот живот е свртен кон доброто, зашто извршувањето на Божјата волја е нашето добро.
Теолог Ацо Митев