На годинешното затворање на престижната манифестација Скопско лето имавме чест да се запознаеме со еден учесниците, Давор Јордановски, член на групата Вода.
Добитник е на најпрестижната награда Марти Авард (Marty Award) за најдобар инструменталист. Тој и неговата група Вода предизвикуваат слушателот да се „нурне“ во древни звучни предели, замислени со модерен вкус. Групата Вода е динамична и флуидна, по стил, мелодија и по звук.
Последно дело со негов потпис е аранжманот на песната Вистина на Мартинијан Кириловски, која беше на второто место на годинешниот фестивал „Макфест“ во Штип.
А сега повелете и уживајте во интересните прашања и искрените одговори на Давор.
FLIP: Кој би бил насловот на Вашата автобиографија?
Д.Ј.: Давор.
FLIP: Како би му ја опишале Вашата професија на едно љубопитно дете?
Д.Ј.: Овозможувам тишината да биде поинтересна.
FLIP: Опишете ни го Вашиот живот преку наслов од филм или песна и кажете ни зошто се одлучивте токму за тој наслов.
Д.Ј.: Десир (Давор Јордановски) затоа што сум постојано вљубен во животот.
FLIP: Која точка од светот прави да се чувствувате посебен и зошто?
Д.Ј.: Охрид. При секоја посета на Охрид езерото ме поздравува.
FLIP: На што мислите кога сте сами во Вашиот автомобил?
Д.Ј.: На ништо.
FLIP: Замислете дека имате брод. Како би го нарекле својот брод? Кое име би му го дале и зошто го избирате токму тоа име?
Д.Ј.: E = Fb (затоа што светот е унисон — едногласен).
FLIP: Замислете дека имате можност да отворите добротворна организација. За што би служела таа?
Д.Ј.: Би сакал на секое дете во светот да му подарам музички инструмент в раце.
FLIP: На која тема би можеле да одржите 20-минутен говор со презентација, без никаква подготовка?
Д.Ј.: На музика.
FLIP: Која е најинтересната личност со која сте се запознале и со која сте разговарале?
Д.Ј.: Quinsy Jones.
FLIP: Како ги потрошивте парите од Вашата прва плата (првиот проект)?
Д.Ј.: Му купив велосипед на брат ми.
FLIP: Кое беше последното нешто за кое навистина се возбудивте?
Д.Ј.: Кога слетав во Македонија.
FLIP: Која е најдобрата локација за целосно уживање со добра шолја кафе?
Д.Ј.: Не е важна локацијата.
FLIP: За каква чудна работа имате носталгија?
Д.Ј.: За носталгијата.
FLIP: На која личност од светот најмногу ѝ се восхитувате?
Д.Ј.: На светот.
FLIP: Кој би Ве играл во филмот од Вашиот живот?
Д.Ј.: Dustin Hoffman.
FLIP: Што мириса подобро: свежо исечена трева или печен леб во рерна?
Д.Ј.: Свежо исечената трева.
FLIP: Од што би било најтешко да се откажете?
Д.Ј.: Од музиката.
FLIP: Која е вашата лозинка за Wi-Fi?
Д.Ј.: Мојата љубов.
FLIP: За што ќе бидат носталгични луѓето за 50 години?
Д.Ј.: За 49-тата година.
FLIP: Замислете дека сте десерт. Каков десерт би биле?
Д.Ј.: Чоколадо.
FLIP: Како да свртиме кон подобро?
Д.Ј.: Со љубов, со огромна љубов.