Ги гледам фустаните во ормарот што висат,
притиснати одамна се таму, ама не станале стари!
Надежта дека еден ден ќе ги носам, ќе ми бидат точни,
солзи од очиве ми пушти.
Но, радоста што во душава секојдневно се плете,
плачот и тој женски крик, ги запре!
Спомените не можат облека да бидат за младоста
што се уште во себе ја чуваш, – нечујно ми рече,
минатото е само печат на убавото што го носиш,
времето и годините се твојот судбински кројач!
Поканата за на бал што и ова утро ја доби,
за храброста е, за чекорот твој,
што ни во сонот никогаш не се сопна, на колена падна!
Животот и кога гламурозно слави,
на подиумот ги сака тие, како тебе,
што танцуваат на прсти, лесно, гордо со името свое!
Затоа облечи ја сегашноста, таа убаво ти стои,
на лицето стави само среќа,
на градите накит, насмевки три реда долги,
и со срцето чисто, аристоктатски, како дама, отвори го балот!
автор: Милена Лунеска